
Работилница по повод Светскиот ден на менталното здравје
На 7 октомври 2025 година (вторник), во просториите на СОУ Коста Сусинов – Радовиш се одржа работилница на тема „Ментално здравје“, организирана од ЦКРСМ – Општинска организација – Радовиш по повод Светскиот ден на менталното здравје (10 октомври).
Работилницата ја водеше Памела Митева– врснички едукатор по ментално здравје, која преку интерактивни разговори и практични активности им помогна на учесниците подобро да го разберат значењето на грижата за менталното здравје, самогрижата, како и начините за справување со стресот и емоциите.
Една од креативните активности на работилницата беше цртање и боење на платно, со цел да се ослободат мислите, да се поттикне позитивно размислување и да се изразат емоциите преку боја и креативност. Оваа активност придонесе за создавање чувство на мир, поврзаност и саморефлексија кај младите.
На настанот учествуваа 20 ученици, кои активно се вклучија во сите делови од програмата, споделуваа мислења и искуства, и покажаа голем интерес за темата.
Целта на работилницата беше да се подигне свеста за важноста на менталното здравје меѓу младите, како и да се поттикнат емпатијата, меѓусебната поддршка и позитивниот пристап кон секојдневните предизвици.
Настанот се одвиваше во пријатна, опуштена и инспиративна атмосфера, а учесниците изразија големо задоволство од можноста да бидат дел од оваа корисна и значајна работилница.

< врати се назад

























